Сојузот на извидници на Македонија е национална организација регистрирана соглесно законот за здруженија и фондации на 19.11.1984 година и регистрирана како младинска чадор организација во 2020 година согласно законот за младинско учество и младински политики. Како организација активно делува и постои од 1953 година, имплементирајќи програми за животни вештини за деца и млади на територијата на цела држава.
1921
Сојузот на извидници на Македонија припаѓа на Европскиот извиднички регион и има долга историја која датира уште од далечната 1921 година. Во тогашна Македонија се формирани првите стегови, на територијата на Скопје; а во текот на 1923 год. и 1924 год., формирани се повеќе такви стегови, и тоа во Куманово, Штип, Битола, Струмица и Гостивар, а со тоа и формиран и Вардарскиот скаутски регион, со седиште во Скопје. Во почетокот, од 1921 до 1940 година, се споменува дека се организирани многу летни логори и школи, од кои како една од најмасовните акции/активности во тој период е заведена прославата на осумдесеттиот роденден на основачот на Светското извидничко движење, лордот Роберт Баден Пауел. За време на Втората светска војна, поради затекнатата ситуација, престануваат сите активности на извидничката организација во Македонија.
1953
Во 1953 година, од страна на поранешни членови на Извидничката организација, се основа слична организација на неа, но со ново име - Сојуз на извидници на Македонија (СИМ). Од тогаш Сојузот неуморно работи на развојот на младите и на проширувањето на извидништвото во секое ќоше во државата. Карактеристично за овој период е што биле остварени првите меѓународни контакти и тоа, во 1959-1960, со белгиските Црвени ѓаволи, кои престојувале во Извидничкиот Центар Охрид.
1991
По осамостојувањето на Република Македонија на 8-ми септември 1991 год., меѓународната соработка на СИМ е на завидно ниво; покрај соработката со Сојузот на извидници на Југославија (СИЈ) и Сојузот на извидниците на Словенија (ЗТС), плодна соработка е остварена и со Сојузот на извидниците и извидничките на Баварија (БДП) и со Шпанската извидничка федерација (АСДЕ). /n Во овој период, по осамостојувањето, СИМ ги остварува и првите контакти со Светската извидничка организација, а се однесуваат за прием во WOSM (Светска организација на извидничкото движење). Во тие три години, додека се чекаше на прием, СИМ оствари повеќе активности од меѓународен карактер, и тоа учество на Европската конференција во 1995 год, XVIII и XIX Светско џамбори во Холандија и Чиле, XXXIV и XXXV Конференција на WOSM, X Светски мут во Шведска (во 1996 год). /n Не треба да се заборави учеството на голем број на извидници од СИМ на голем број школи и семинари одржани во Словенија, Кипар, Унгарија, Франција, одржани од страна на Европското извидничко биро.
1997
Официјално, на 25.07.1997, Сојуз на извидници на Македонија станува дел од Светското извидничко движење. Како членка во WOSM, СИМ за своето членство добива голем број на придобивки, од кои дел се: сервиси и консултации за подобро управување, можности за градење на капацитетите за своето членство, можност за учество во интернационални семинари, обуки и кампови, како и можност за директно вклучување, застапување и креирање политики во рамките на регионот или на глобално ниво.
Денес
Извидничкото движење во Македонија кое се споменува моментално е организирано во 23 извиднички одреди (единици), во речиси сите региони ширум Mакедонија, со членство кое брои над 2500 индивидуи и многу иницијативи за нови одреди кои моментално се во процедура за исполнување на условите за полноправно членство во СИМ. Во овие над 70 години постоење, СИМ има традиција на организирање голем број на ориентациони и полигонски натпреварувања, семинари и обуки, школи за водачи, каравани и акции, кампањи, летни и зимски кампови и многу други извиднички активности. Покрај активностите на СИМ, одредите ширум државата организираат голем број на ориентациони натпреварувања и школи за обука на кадри; а приоритет им е работата, воспитувањето и едукацијата на децата и младите - членови во извидничкото движење. Овие активности се организираат во природа или, пак, онаму каде што постојат извиднички центри, како што се оние на Охридското Езеро во Охрид и Струга; и ширум цела Македонија каде што се наоѓаат извиднички домови во планина, село или град.